ВИДЕО: Ноле си „поигра“ со Штруф, Чориќ спаси шест меч топки и го елиминира Циципас

Првиот рекет на светот, Новак Ѓоковиќ, со уште една доминантна партија обезбеди осминафинале на Грен слемот во Њујорк. Српскиот ас за нешто помалку од два часа со 3-0 во сетови славеше над германскиот тенисер, Јан Штруф.

Фаворитот број еден на УС Опен во ниту еден момент не ја доведе својата победа во прашање, затоа што играше моќно и со сигурни 6-3, 6-3, 6-1 го мина 29. тенисер на светот. Негов следен предизвик во Њујорк ќе биде Пабло Карено-Буста од Шпанија. 

Сепак, победата на Ѓоковиќ остана во втор план кај тениската јавност, затоа што младите Стефанос Циципас и Борна Чориќ одиграа неверојатен натпревар на „Артур Еш“. Најголемата хрватска надеж уште еднаш покажа дека е во одлична форма и преку пресврт во пет сета успеа да го елиминира подоброрангираниот тенисер (6-7/2, 6-4, 4-6, 7-5, 7-6/4). Дека веќе созреа во врвен тенисер, говори фактот што Чориќ на овој дуел спаси шест меч топки на противникот и на крај успеа да го победи. 

Од синоќешната програма на УС Опен нова фаза обезбедија уште Шаповалов, Зверев, Томпсон, Гофан...