• Горан Упале

Новак Ѓоковиќ се пласира во третото коло на АТП турнирот во Пекинг, откако по пресврт го совлада домашниот тенисер Бу Јунчаокете со 4-6, 7-6/2, 6-2.
Пред речиси 15.000 гледачи на „Дијамантскиот“ стадион, српскиот ас првпат загуби сет во Пекинг, но потоа целосно ја презеде контролата. Ѓоковиќ беше убедлив во тај-брејкот на вториот сет, а во третиот му препушти само два гема на противникот и заслужено го продолжува својот престој во кинескиот град.
Интересно, домашната публика подобро и побучно реагираше на поените на Новак и неговиот подем отколку на добрите моменти на Бу, кој остави одличен впечаток во првиот сет, делумно во вториот, но потоа удри во ѕид.
Со оваа победа Ѓоковиќ продолжи со неверојатниот учинок во Пекинг и сега има 31 победа во 31 меч на овој турнир. Во третото коло го очекува подобриот од дуелот меѓу Шанг и Зверев.
