Ноле: Имам време да ги достигнам Грен Слемите на Надал и Федерер

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го освои турнирот Австралијан Опен и испиша историја. По новиот Грен Слем трофеј, српскиот тенисер беше задоволен и вели дека има сила уште да освојува престижни титули и на листата да ги престигне ривалите Роџер Федерер и Рафаел Надал.

Популарниот Ноле има 15 Грен Слем титули и на листата е на третото место, со две титули помалку од Надал и дури пет од Роџер Федерер.

„Уште играм добро и освојувам Грен Слем титули. Драго ми е што во Мелбурн ја кренав мојата петнаесетта во кариерата. Има двајца играчи пред мене на вечната листа, имам уште време да ги стигнам. Не се брзам никаде. Важно ми е што мојата бројка се зголеми за едно одличје“, изјави прворангираниот тенисер на АТП-листата.

Со престижната титула во Австралија, Ѓоковиќ на тениската листа дојде до 10.955 бода и се наоѓа пред Рафаел Надал со 8.320 бода и Александар Зверев со 6.475 бода.