Ништо од трето финале во низа за Руд, Зверев ќе го предизвика Алкараз за трофејот во Париз

Александар Зверев е вториот патник во финалето на Ролан Гарос. Најдобриот германски тенисер на денешницата ја потврди улогата на благ фаворит и со 3-1 во сетови го совлада Каспер Руд и ќе го предизвика Карлоз Алкараз во мечот за трофејот.

Во второто полуфинале Норвежанецот беше тој кој отвори подобро. Руд одигра маестрално во првиот сет и за нешто повеќе од триесет минути му дозволи само два гема на противникот и поведе со 1-0 во сетови. 

Но, тоа беше сè што покажа Руд во овој дуел. Во продолжение Зверев презеде сè во свои раце, го одигра можеби најдобриот тенис досега на турнирот и по пресврт стигна до историско прво финале на единствениот Грен слем на земјена подлога. Германецот во вториот и четвртиот сет загуби само по два гема, додека најнеизвесно беше во третиот сет кој траеше и најдолго, 44 минути (6-4).

Така, Руд не успеа по третпат во низа да се пласира во финалето на Ролан Гарос, откако во претходните две сезони загуби од Надал и Ѓоковиќ.