Ништо од тениско злато за Хрватска, Векиќ немоќна против Женг!

Хрватската тенисерка Дона Векиќ не успеа да приреди уште едно изненадување на женскиот тениски турнир во Париз. Хрватската над сите очекувања се пласира во финалето на Олимписките игри, но таму немаше сили против разиграната Кинвен Женг (6-2, 6-3).

Натпреварувачката од Кина одигра моќно во големото финале. Уште при првиот гем на сервис на Векиќ направи брејк, кој потоа го потврди и поведе со 3-0. Векиќ, која што пред само неколку месеци беше на раб да ја заврши кариерата, успеа да се соземе по почетниот шок и ги освои следните два гема на свој сервис, но не и третиот, откако Женг со нов брејк стигна до 6-2 и водство во сетови од 1-0.

Во вториот сет се играше нешто поизрамнето. Женг одново направи експресен брејк, но Векиќ возврати со ри-брејк за 2-1. Следуваше сигурна игра на двете тенисерки на свои сервиси, но тенисерката од Хрватска повторно потфрли во осмиот гем и Женг со уште еден брејк влезе во нова предност, која потоа ја потврди за историски успех и златен медал.

Во машкото финале, кое е закажано за утре, ќе се сретнат Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз.