Ништо од спектакл во Белград – Надал пак ги извиси Шпанците!

Дејвис Куп селекцијата на Шпанија нема да може да смета на својот најдобар тенисер, Рафаел Надал, за дуелот против Србија кој ќе се одигра во Белград. 

Рафа по вчерашниот пораз од Квери во финалето во Акапулко изјави дека ќе го пропушти четвртфиналето против Србија, за да може подобро да се подготви за турнирите на земјена подлога кои следуваат во продолжението од сезоната. 

„Тоа нема да биде моја најдобра подготовка за сезоната на земјена подлога. Сега ќе играм во Индијанс Велс и Мајами и после тоа ќе имам две недели време да се подготвам за најважниот дел од оваа сезона, а тоа се натпреварите на земјена подлога. Сите турнири кои ги играм се многу важни за мене, но Монте Карло и Ролан Гарос се клучни“, изјави Надал. 

Надал на сличен начин во последен момент го откажа настапот на Шпанија во првиот дуел против Хрватска и најави дека ќе биде дел од тимот во второто коло, но не го одржа својот збор. Мечевите меѓу Србија и Шпанија на програмата се од 7 до 9 април, а ќе се одиграа во „Пионир“.