• Иван Димовски
Јаник Синер ја оправда фаворитската улога и го победи Александар Зверев со 3-1 за одбрана на тронот на 139. издание на Вимблдон. Италијанскиот тенисер стигна до петтиот трофеј на Грен слем турнирите, вторпат против германскиот противник против кој играше лани во финалето во Мелбурн. Иако Зверев поведе во финалето, на крајот Синер славеше по три часа и 48 минути борба во Лондон.
Стартот на финалето беше сосема очекувано тврд, со сигурна игра на двајцата тенисери. Првата и единствена брејк-шанса дојде во осмиот гем, а Зверев успеа да ја одбрани. Сетот продолжи целосно израмнето, се играше егал до самиот крај и се влезе во тај-брејк. Во него Синер четири пати водеше, имаше и сет-топка, ама не успеа да ја искористи. Германецот од вториот обид, првпат на сервис на противникот стигна до 9-7 и го доби сетот во своја корист.
Веќе вториот тргна со далеку поголема борба. Синер играше одличен воведен гем, меѓутоа не успеа да дојде до брејк-шанса, а слично беше и во вториот гем кога улогите беа спротивни. Интересно е дека цел сет мина без ниту една шанса за одземање на противнички сервис, па во таков распоред на силите јасно беше дека ќе се игра нов тај-брејк. Овојпат Италијанецот беше далеку подобар, тргна со мини-брејк и потоа го потврди со уште еден (4-0). Иако Зверев успеа да намали на 4-2, до крајот Синер ги освои преостанатите три поени и со 7-2 го затвори доигрувањето.
Огромната борба во финалето продолжи и во третиот сет, ама повторно двајцата отворија добро и сигурно. Шанса за предност прв имаше Зверев во седмиот гем, ама не искористи брејк-шанса па веќе во следниот беше казнет. Успеа првиот светски рекет да го одбрани сервисот на противникот, поведе со 5-3 и веднаш во следниот гем сигурно го потврди брејкот за 6-3 и пресврт од 2-1 во сетови.
И четвртиот сет беше сличен, сигурен старт на двајцата без брејк-шанси, а концентрацијата почна прво да паѓа кај Зверев. Успеа Синер во седмиот гем во третиот обид да направи брејк, па лесно го потврди без загубен поен (5-3). Сепак, не дозволи Германецот тука да биде крајот и релативно лесно го освои следниот гем. На потег беше италијанскиот ас, сервираше за победа и трофеј, а иако Зверев пружи отпор, Синер од првиот обид стигна до 6-4 и одбрана на трофејот.




