Нишикори го декласира Шарди и обезбеди меч за титула во Бризбејн

Нишикори

Одличната форма на Кеи Нишикори во пресрет на Австралија опен продолжи со денешната победа во полуфиналето на турнирот во Бризбејн. Јапонскиот тенисер го надигра Жереми Шарди (6-2, 6-2) и ќе игра за првата титула во новата сезона.

Големиот број на неизнудени грешки на Французинот му ја олеснија работата на деветтиот светски тенисер на патот до финалето. И двата сета имаа идентичен исход. Се играше до 2-2, а потоа Нишикори направи по два брејка и запиша лесна победа.

Јапонецот ќе игра за својата прва титула по онаа во Мемфис во 2016 година. Противник ќе му биде победникот од дуелот помеѓу Данил Медведев и Жо-Вилфред Цонга.