Неодамна сакаше да се повлече од тенисот, а сега е на чекор до злато на ОИ!

Хрватската тенисерка Дона Векиќ над сите очекувања се пласира во финалето на Олимписките игри и ќе се бори за златниот медал во Париз. 

Интересна приказна откри Хрватката, поврзана со потенцијален крај на кариерата, барем привремен. Таа пред овогодинешниот Ролан Гарос сакала да се откаже од турнирот и да направи долга пауза во тениската кариера.

„Неколку пати во текот на кариерата повеќе не сакав да играм тенис. Тоа беше по операцијата, една од тие беше неодамна. Неколку денови пред Ролан Гарос дојдов во клубот и му кажав на тренерот: „Слушај, сакам да се повлечам. Сакам да одам дома, на долга пауза“. Немав никаква енергија, мотивација да тренирам. Имав чувство дека сум дала сè за тенисот, а немав резултати какви што очекував. Во Париз загубив од Олга Даниловиќ, а тој неуспех ме мотивираше да работам, да продолжам да туркам понатаму“, изјави Векиќ по полуфиналето. 

За среќа тоа не се исполни, а Дона Векиќ сега е сигурна медалистка на ЛОИ во Париз. Во мечот за злато таа ќе се бори со Кинвен Женг.