• Зоран Мишевски
Македонија повторно има горд репрезент на Олимписките игри. Покрај нашите шест спортисти, неколку судии ја делат правдата во Париз, а денес е посебен дел за еден од нив. Анета Павловска ја продолжи својата бајка како тениски судија и ја делеше правдата како линиски судија на женското финале меѓу Женг и Векиќ.
Хрватската тенисерка Дона Векиќ не успеа да приреди уште едно изненадување на женскиот тениски турнир во Париз. Хрватската над сите очекувања се пласира во финалето на Олимписките игри, но таму немаше сили против разиграната Кинвен Женг (6-2, 6-3).
Павловска мина повеќе од еден час на „Филип Шатрие“ и ја продлабочи својата олимписка приказна. Имено, Павловска судеше во машкото финале во Токио, а сега беше дел од женскиот меч за златен медал.
Во нејзината биографија стои дека судела на финалето на Ролан Гарос 2023, во кое играа Новак Ѓоковиќ и Каспер Руд, но и двете машки полуфиналиња на Вимблдон 2023 година.