„Натпреварите ќе се играат по 40 минути, како да е ТВ серија – тенисот стана циркус"

Жил Симон е француски тенисер кој веќе долги години игра професионални турнири. Негов најдобар успех во кариерата е шестата позиција на АТП ранкигот во 2009 година. 

Симон е револтиран од константните промени во тенисот и реши да проговори јавно на таа тема.

„Не знам како, но одеднаш тенисот стана предолг за гледачите. Ние сме приморани да се менуваме со модата, да биде се пократко. Наскоро можеби ќе ни побараат меч да трае 40 минути, како епизода од ТВ серија. Сепак, младите луѓе немаат трпение да седат три часа и да гледаат тенис. Со публиката или ќе попуштиш на нивните барања или ги едуцираш. Очигледно ние сме одбрале да бидеме циркуз, на сите нивоа", започна Французинот.

Според него, тенисот ќе остане на нивото кое што бил само доколку се негува традицијата, а револтиран е од тестирањето на новитети само поради бизнис.

„Проблемот е што малку кој верува во иднината на белиот спорт. Секој мисли дека одиме во погрешна насока, па се обидуваат нешто ново. Никој не разбира дека со константни промени тенисот станува како било кој друг спорт. Тенисот е спорт кој мора да се потпира на долгата традиција, но наместо тоа ние како да сакаме да бидеме прозвод за потрошувачите", заврши Симон. 

Иако францускиот тенисер има 34 години и нема да игра уште долго, тој сака овој спорт да остане каков што е и да не се претвори во бизнис. Симон во својата кариера има 14 АТП титули, а во два наврати доаѓал до четвртфиналиња на Грен слем турнири (Мелбурн во 2009 и Вимблдон 2015 година).