Најдобрите дами се стационираа во Мексико: Сабаленка и Швјонтек во битка за светскиот трон

Мексиканскиот град Канкун од денеска е домаќин на најдобрите светски тенисерки, откако со мечот меѓу Елена Рибакина и Џесика Пегула (23:00) почнува Завршниот Мастерс во сезоната.

По ова натпреварување ќе се знае како ќе изгледа листата на најдобри светски тенисерки на крајот на 2023 година, а лидерската позиција засега ѝ припаѓа на Белорусинката Арина Сабаленка.

„Посакувам порано да знаев дека можам да играм толку добар тенис. Се шегувам, се разбира. Кога ќе погледнам наназад, гледам многу успешна сезона, најдобра во мојата кариера и сакам да ја крунисам со триумф на ВТА Финалето. Би сакала оваа сезона да биде пресвртница во мојата кариера и секоја наредна да играм на исто, па дури и повисоко ниво. Сакам да одам напред и да ги поместувам границите на моите можности “, истакнува Арина Сабаленка.

Нејзина прва придружничка е Полјаката Ига Швјонтек, која минатата година ја заврши како најдобра во светот и има голема желба да го повтори тој успех.

„Воопшто не мислам дека имам лоша година зад мене, дури и ако не сум најдобара на светот. Понекогаш имам впечаток дека луѓето имаат преголеми очекувања и тоа многу често ми е смешно. Па, не можам да победувам на секој меч што го играм. Тоа е спорт, и другите девојки се трудат многу и секоја од нас сака да триумфира. Секако дека се стремам да бидам најдобра, но свесна сум колку е тешко“, вели Швјонтек.

Најдобрата светска тенисерка Арина Сабаленка моментално има 8.425 поени, а Ига Швјонтек 7.795, додека на третото место е Џесика Пегула со 5.955 и веќе нема шанси годината да ја заврши како најдобра во светот.