Најдобрата тенисерка на светот надиграна, прво Грен слем полуфинале за Пегула

Најдобрата светска тенисерка Ига Швјонтек е елиминирана во четвртфиналето на УС Опен во Њујорк. Победничката од 2022 година беше поразена од домашната тенисерка Џесика Пегула со резултат 6-2, 6-4.

Шестата тенисерка на планетата ја потврди одличната форма и ова е нејзина четиринаесетта победа во последните петнаесет меча. Пегула триумфираше во Торонто, додека во Синсинати, во пресрет на УС Опен, во финалето загуби од Арина Сабаленка. Таа одигра импресивно и на овој меч против првата тенисерка на ВТА листата, со што ѝ го нанесе четвртиот пораз во десеттиот меѓусебен дуел.

Таа уште од самиот старт завладеа на теренот на „Артур Еш“ и со два последователни брејка навести одлична игра. Тоа ѝ донесе водство во сетови, а Швјонтек немаше сили за надигрување ниту во вториот сет, па својата шанса за нов трофеј во Њујорк ќе ја бара во друга прилика.

Пегула, пак, шест пати игра четвртфинале на Грен слем турнир и никогаш не напредуваше подалеку – сè до оваа вечер. За влез во финалето ќе се бори против Каролина Мухова, која ја совлада Беатрис Хадад Маија со 6-1, 6-4.