Надал: Жал ми е што го загубив најважниот меч во сезоната

Тенискиот крал на Париз е симнат од тронот. Рафаел Надал по четири години пауза загуби натпревар на Ролан Гарос и остана без финале на вториот овосезонски Грен слем турнир.

Без шанса за борба за нов трофеј на Отвореното првенство на Франција го остави неговиот најголем ривал Новак Ѓоковиќ. Србинот имаше негатива од 1-0 во сетови, но во продолжение го надигра противникот и со победата од 3-1 си обезбеди учество во финалето. Надал по мечот истакна дека му е жал што го загуби својот најважен натпревар оваа сезона.

„Ова е спорт. Понекогаш победувате, понекогаш губите. Дадов сè што можев. Веројатно не ми беше најдобриот ден. Кога играте против ривал како него, кој рано ја погодува топката, тешко е да го исфрлите од ритам.

На овој турнир имам освоени 13 трофеи, па затоа поразите помалку болат. Годините минуваат и ништо не е вечно. Свесен сум дека секоја година имам помалку шанси, но се надевам дека следната ќе бидам уште посилен и поподготвен. Жал ми е што го загубив најважниот меч во сезоната“, коментираше Надал.

Во големото финале Ѓоковиќ ќе се сретне со Гркот Циципас, кој по голема борба со 3-2 во сетови славеше над Зверев.