Надал за час го збриша Кирјиос и обезбеди четвртфинале во Мадрид

Во последниот осминафинален меч на АТП Мастерсот во Мадрид, Рафаел Надал полесно од очекуваното славеше сигурна победа против Ник Кирјиос со 2-0 (6-3, 6-1), со што обезбеди пласман помеѓу најдобрите осум.

Шпанецот во првиот сет беше тој кој прв го одзеде сервисот на противникот и поведе со 3-1 во гемови, но Кирјос веднаш направи ри-брејк (3-2). Во следниот гем повторно Надал возврати и поведе со 4-2, па мирно го одведе сетот кон завршница за 6-3.

Во вториот сет Надал започна фуриозно и по само 20-тина минути веќе водеше со 4-0. До крајот Австралиецот не успеа да се врати во мечот и на крајот Надал го доби сетот со високи 6-1. Треба да се потенцира дека Кирјиос се пожали на болки во коленото, но и покрај тоа го доигра целиот меч.

Во утрешното четвртфинале Рафаел Надал за пласман во полуфиналето ќе се бори против Давид Гофан.