Надал со „луд“ пресврт го скокна Корда, победи и за Медведев и Циципас

Рафаел Надал, потешко од очекуваното, го прескокна Себастиан Корда во втората рунда на Индијан Велс победувајќи со 2-1 (6-2, 1-6, 7-6). Во завршниот сет Шпанецот гледаше кон пораз и имаше негатива од 5-2, меѓутоа Американецот падна под притисок и загуби од фаворитот. 

  • Кам-бекот на Надал против Корда: 

Рекордерот по бројот на Грен слем титули тргна фуриозно, со два брејка на стартот поведе со 4-0 и го доби првиот сет со 6-2. Но, Корда му одговори со иста мера и со 6-1 израмни. Американскиот тенисер беше пред победата со 5-2 во завршниот сет, ама Надал се издигна и направи епски пресврт. Следен ривал на Шпанецот ќе биде Даниел Еванс.

Посигурна победа запиша првиот светски рекет, Данил Медведев во дуелот со Томаш Махач (2-0). Русинот со 6-3 и 6-2 за час и 12 минути го среди чешкиот противник и закажа шеснаестинафинале против искусниот Гаел Монфилс. 

Американецот Џон Сок сериозно го испоти Стефанос Циципас кој мораше да игра два часа и 37 минути за да победи со 2-1. Гркот двапати играше тај-брејк против домашниот тенисер, па со 7-6, 3-6 и 7-6 се радуваше и ќе игра против Бруксби.

Без загубен сет до следната фаза стигнаа Каспер Руд против Еубанкс (2-0) и Јаник Синер со Ласло Ѓере (2-0).