• Саше Љолес

Славниот тениски ас, Рафаел Надал, даде интересна изјава во која вели дека Јаник Синер и Карлос Алкараз во моментов немаат никаква конкуренција и очекува токму тие двајца да ги играат сите финалиња на Грен-Слем турнирите.
Иако на моменти и некој друг тенисер знае да блесне и да стигне до завршните мечеви на најпрестижните турнири, Надал смета дека тоа ќе се случува многу ретко.
„Мислам дека Алкараз и Синер немаат некој што ќе ги притиска малку од позадина. Тие направија разлика со сите останати и во секоја ситуација можат да победат било кого - се додека не се сретнат еден со друг.
Гледаме дека дури и да играат лошо, сепак ќе продолжат да победуваат и ќе стигнуваат до сите финалиња. Понекогаш можеби некој друг ќе се вметне меѓу нив, но тоа нема да го гледаме секој ден“, рече Надал.
Италијанецот и Шпанецот веќе создадоа моќно ривалство на врвот на АТП листата, а нивните меѓусебни дуели секогаш прикажуваат феноменален и спектакуларен тенис.


