Надал сигурно „гази“ во Индијан Велс - совладан Вердаско за осминафинале

Во третото коло на АТП мастерсот во Индијан Велс, Рафаел Надал полесно од очекувањата со 2-0 (6-3, 7-5) го совлада Фернандо Вердаско и се пласира во осминафиналето. Надал е носител на три титули од неофицијално петтиот Грен слем турнир, како што се нарекува Mастерсот во Индијан Велс.

Првиот сет Надал го освои рутински со брејк во осмиот гем за освојување на сетот со 6-3. Во вториот сет, Шпанецот го одзеде сервисот на противникот уште во третиот гем, но Вердаско возврати во наредниот и остана во игра. Клучниот брејк популарниот Рафа го направи во 11. гем и поведе со 6-5, за да наредниот го освои својот сервис и со 7-5 го заврши мечот.

Во осминафиналето Рафаел Надал игра со подобриот од дуелот помеѓу Роџер Федерер и Стив Џонсон.