Надал се враќа на Грен слем сцената, може ли да го застане залетаниот Ѓоковиќ?

Rolan Garos

Рафаел Надал ќе има нов обид да ги достигне Грен слем титулите на Роџер Федерер на овогодишниот Ролан Гарос кој ќе започне в недела. Терминот на одигрување е драстично различен во однос на минатото поради пандемијата со коронавирусот.

34-годишниот Шпанец го прескокна УС Опен само за да биде подготвен за Париз. Тоа го прави прв фаворит, иако експертите гледаат многу потенцијални ривали кои би можеле да му наштетат на патот кон 13-та титула.

Федерер ќе биде надвор од конкуренција поради повреда на коленото, но затоа тука ќе биде Новак Ѓоковиќ кој игра феноменално во 2020 година. Србинот е фаворит кај фановите, со оглед на формата и титулите во Синсинати и Рим по кам-бекот на тенисот по пауза од неколку месеци.

Новитет ќе биде присуството на гледачи кое ќе биде ограничено на 1.000 на ден. Тоа го одлучија француските надлежни органи со цел да спречат нова кризна ситуација. Играчите ќе мора да престојуваат само во хотели и ќе добијат шанса за натпреварување само со негативен тест.

Фаворити во сенка кај тенисерите ќе бидат Стефанос Циципас, Доминик Тием, Стан Вавринка, а присутен ќе биде и Енди Мареј, кој ќе отвори против тежок противник во Марин Чилиќ.

Кај девојките нема да играат првата тенисерка на светот Ешли Барти и овогодишната шампионка на УС Опен, Наоми Осака. Тие одлучија да не патуваат за Франција и да го избегнат ризикот. 

Затоа тука ќе биде Симона Халеп која ќе биде прва носителка и фаворитка за трофејот. Серена Вилијамс секогаш е меѓу најголемите кандидати за висок пласман, а никој не ги отпишува ниту Плишкова, Свитолина, Кенин, Бертенс, Квитова, Сабаленка...