Надал се откажа од Индијан Велс и Мајами, ќе се подготвува за земјената подлога

Надал пауза

Повредите се честа појава кај Рафаел Надал, кој немаше посакуван старт на новата сезона. Колкот му направи проблеми во четвртфиналето на Австралија Опен и го остави хендикепиран во наредните неколку месеци.

Неговиот кам-бек во Акапулко беше неуспешен, каде мораше да го откаже настапот поради болки. Докторите му порачаа да направи мала пауза, што резултираше со откажување на Мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами. Тоа го соопшти преку својот Фејсбук профил каде дополнително им објасни на своите фанови за донесената одлука.

Најверојатно, Шпанецот, кој мака мачи со здравјето во текот на цела своја кариера, ќе паузира до земјениот период од сезоната, каде е најголем фаворит каде и да се појави.

Се очекува Надал да му се врати на тенисот во Монте Карло, каде е десеткратен освојувач на титулата. 31-годишниот тенисер од Мајорка брани огромен број на поени до крајот на годината, а неговата пауза максимално ќе ја искористат неговите конкуренти за челната позиција на АТП листата.