Надал сака да игра на ОИ, но нема право – па ќе користи „Федерер рецепт“?

Рафаел Надал во 2024 година планира да ја одигра својата последна сезона во кариерата. Шпанецот со 22 Грен слем трофеи паузира од почетокот на оваа година, работејќи за една, последна сезона во која ќе биде конкурентен на големата сцена. 

Покрај редовните настапи на АТП турнејата, Надал сака да заигра и на Олимписките игри во Париз. Сепак, тој нема право да биде дел од тимот на Шпанија. Причината е едноставна, за да имаш право за игра на ЛОИ, треба да имаш настап за својата репрезентација на Дејвис купот во последните две сезони. 

Иако технички не смее да биде дел од турнирот, Надал има надеж. Слична беше ситуацијата и со Роџер Федерер на претходните Олимписки игри, ама со помош на швајцарскиот тениски сојуз доби посебна дозвола. Федерер на крајот поради повреда не настапи во Токио, ама неговиот случај е адут и надеж за Надал. 

„Бикот од Мајорка“ сака да заигра во двојки заедно со Карлос Алкараз до крајот на кариерата, а ЛОИ се одлична шанса за такво нешто.