Надал па Алкараз: Ѓоковиќ го претрпе вториот најтежок пораз во кариерата!

Карлос Алкараз втора година по ред е победник на Вимблдон. Тој исто како и лани во финалето го совлада Новак Ѓоковиќ кој е шеснаесет години постар, но овојпат тоа го направи на многу убедлив начин, со 3-0 во сетови (6-2, 6-2, 7-6). Освен што ова е втор трофеј на Алкараз на Вимблдон, тоа е негов четврти Грен слем во кариерата севкупно, а втор годинава.

Пред еден месец го освои Ролан Гарос, па сега стана само шестиот тенисер во Опен ерата, кој го подигнал победничкиот трофеј и на Ролан Гарос и на Вимблдон во истата година.

Од друга страна, ова е втор најтежок пораз за Новак Ѓоковиќ во кариерата. Единствениот поубедлив пораз беше оној на Ролан Гарос 2020 година, кога освои само на седум гема против Рафаел Надал. Беше 6-0, 6-2 и 7-5 за Шпанецот. Сега освои десет гемови против Алкараз, три повеќе од тоа финале во Париз.