Надал не сакаше да ја повтори грешката од 2009 година

Рафаел Надал Париз

Проблемот на Рафаел Надал со истегнувањето во стомакот не е нова појава во неговата кариера. Истото му се случи во 2009 година, кога во иста ситуација продолжи да игра и си направи дополнителен проблем.

Публиката на Мастерс турнирот во Париз остана без можност да гледа ново соочување на Надал и Ѓоковиќ, токму поради повредата на шпанскиот тенисер.

„Истиот проблем го имав на УС Опен во 2009 година и за мене беше лошо искуство. Турнирот го започнав со истегнување од шест до седум милиметри, продолжив да играм, тоа беше година кога загубив од Дел Потро во полуфиналето.

Го завршив турнирот со истегнување кое порасна на 28 милиметри и тоа ми донесе голем проблем. Добро се сеќавам на тоа, бидејќи не можев да играм во полуфиналето на Дејвис купот, бев надвор од конкуренција еден месец. Не сакав да ја повторам истата грешка и поради тоа се повлеков од Париз“, вели Шпанецот.

Кариерата на големиот шампион од Мајорка е полна со повреди, па секој мал проблем е голема работа за него и неговиот тим.