Надал: Не играм тенис за рекорди, освоив повеќе од што сонував во кариерата!

Американската публика застана зад Рафаел Надал во финалето на УС Опен против Данил Медведев и епската битка долга пет часа. Шпанецот ги стопли срцата на неутралните љубители на тенисот со уште една бајка за незаборав.

Сите приврзаници на Надал веќе гледаат во хоризонтот и можноста тенисерот од Мајорка да го достигне „волшебникот од Базел“ Роџер Федерер по бројот на Грен слем титули.

Надал, скромен како и секогаш, изјави дека не размислува за тој рекорд.

„Сакам да освојам повеќе титули од Федерер, но не играм тенис поради тоа. Тенисот е повеќе од Грен слем титули. Играм за да бидам среќен и горд сум што вечерва бев дел од ваква драма.

Направив повеќе од што сонував во мојата кариера. Би сакал да завршам со повеќе Грен слем круни од Роџер, но доколку не се случи тоа нема да бидам несреќен“, рече Надал.

Единствениот трофеј кој не го освоил е Мастерс Купот, турнир со кој се заокружува годината, па годинава Шпанецот ќе го нападне трофејот кој се доделува на најдобриот во „О2 Арената“ во Лондон на почетокот на декември.