Надал: Не барам алиби, тажен сум и секој го доби тоа што го заслужи

Иако беше голем фаворит, Рафаел Надал предвреме го заврши својот настап на Австралија Опен, турнир кој последен пат го освоил во 2009 година. 

Шпанскиот ас фантастично го отвори турнирот во Мелбурн, а така беше и на денешното четвртфинале против Стефанос Циципас. 20-кратниот Грен слем освојувач имаше водство од 2-0 во сетови, но помладиот грчки тенисер најде начин како да се врати во игра и да ја извојува една од најголемите победи во својата кариера.

„Промашив неколку удари во тај-брејкот што не требаше да ги промашам. Тоа е тоа. Стефанос одигра одлично во четвртиот и петтиот сет, додека јас имав неколку лоши гемови. Во секој случај, честитки за победата. 

Секако дека сега сум тажен. Го загубив мечот за полуфинале на турнир што ми значи многу. Австралија Опен е еден од моите омилени турнири. Ја пропуштив можноста повторно да се пласирам во полуфиналето. Мечот беше изедначен, но противникот беше подобар во клучните моменти. Јас го давав својот максимум при секој поен, имав вистински став. Се борев, останав позитивен. Но, понекогаш тоа не е доволно. Денес не беше доволно. За жал, и на овој турнир имав проблеми со повреди. Но, поразите од најдобрите тенисери во светот се нешто што се случува. Не, не би рекол дека немав среќа. Не можам да се жалам на тоа. Секој го доби заслуженото“, изјави Надал по поразот.

Во полуфиналето Циципас ќе се сретне со рускиот тенисер Данил Медведев, кој исто така бележи одлични игри во Мелбурн.