Надал го надигра Тием и дојде до „десима“ во Барселона

Рафаел Надал победа

Шпанскиот тенисер и крунисаниот „крал“ на земјените турнири, Рафаел Надал стигна до својата рекордна десетта титула на АТП 500 турнирот во Барселона. По успехот во Монте Карло, каде исто така ја освои десетта титула, Шпанецот денес го совлада Доминик Тием (6-4, 6-1) и одново се израдува пред домашната публика.

Надал одигра импресивно оваа недела во Барселона и не дозволи ниту еден од неговите противници да дојде ниту до сет. На последните 20 одиграни сета, шпанскиот тенисер има скор од 19-1. Денешниот триумф е негов 51. во кариерата на турнирите на неговата омилена земјена подлога.

Тием беше достоен противник само до 4-4 од првиот сет, кога Рафа започна да ја игра својата игра и со брејк поведе со 1-0 (6-4). Од тој момент, Австриецот како да ја загуби самодовербата и започна да игра несигурно на својот сервис, што дополнително му ја олесни работата на неговиот противник.

Вториот сет беше чиста рутина за Надал, кој започна да доминира во секој аспект од играта и со убедливи 6-1 стигна до голема победа и нова титула, 71. во неговата професионална кариера.