Надал: Испуштив голема шанса, малите детали ја направија разликата

Надал Рафаел

Рафаел Надал уште една година остана без титула на завршниот турнир. Шпанецот загуби во полуфиналната пресметка со рускиот тенисер Данил Медведев по три одиграни сета.

20-кратниот Грен слем шампион имаше одлична шанса во вториот сет, кога направи брејк и сервираше при резултат 5-4. Меѓутоа го загуби следниот сервис и му овозможи на противникот да се врати во игра со голема самодоверба.

„На почетокот тој беше подобар. Јас имав потешкотии да го освојам мојот сервис. Но, успеав да направам брејк и да го освојам првиот сет. На 5-4 во вториот сет, тој одигра одлично и заслужено се врати во игра. Јас испуштив голема можност за пласман во финалето.

Мислам дека притисокот немаше никаква врска со овој пораз. Сум бил дел од потешки ситуации од оваа. Малите детали ја прават разликата. Јас направив неколку грешки, а тој освои добри поени. Мојата цел е да го освојам секој турнир на кој што ќе се појавам. Така е секоја наредна сезона. Мотивацијата ми е иста долго време. Ќе работам напорно за време на паузата за да бидам подготвен за новата сезона“, рече асот од Мајорка.

Завршниот турнир е еден ретките на кои Надал нема освоено ниту една титула. Затоа можеби чувдствува повеќе притисок кога ќе се најде во конкуренција да стави крај на лошата серија.

Наредната година натпреварите се префрлуваат во Торино, каде шпанскиот тенисер ќе има нова можност да го освои толку посакуваниот трофеј.