„Надал и Ѓоковиќ се веќе видени и здодевни, Кирјиос нуди нешто поинакво“

Селекторот на француската тениска Дејвис Куп репрезентација даде интересна изјава поврзана со Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. Веќе цела деценија наведените двајца се на врвот од АТП ранкингот, со исклучок на 2016 година, кога во животна форма играше Енди Мареј

На Јаник Ноа веќе му здодеало да го гледа истиот тенис цела деценија, без изненадувања и со еднолични промени на врвот. 

„Сакам да видам нов играч кој ќе ја промени хиерархијата. Кога некој ќе победи еден или два членови од „големата тројка“ се радувам. Сакам да видам што има да понуди некој нов. Шоуто кое го прават Надал и Ѓоковиќ е фантастично, поените се монструозни, но тоа сè е веќе видено“, започна Ноа. 

Селекторот на Франција е одушевен од контроверзниот австралиски тенисер Ник Кирјиос, кој секогаш има нешто ново да покаже или направи. 

„Јас го сакам Кирјиос, тој нуди нешто поинакво. Се сеќавам еднаш се обиде да сервира „под рака“, бидејќи Надал стоеше далеку од линијата. Полудев кога судиите го опоменаа за непочитување. Не разбираат дека доколку не се обидеш со нешто поинакво решение против Рафа, немаш апсолутни никакви шанси“, заврши Јаник Ноа. 

Веќе долго време се најавуваат „нови деца“ кои треба конечно да ја сменат ситуацијата на АТП ранкингот, но искусните Надал, Ѓоковиќ и Федерер не ја предаваат штафетата така лесно и секогаш добро одговараат на предизвикот.