Надал го откри името на човекот кој е најзаслужен за неговите успеси

Надал

Низ годините Рафаел Надал се соочил со многу повреди. Во еден момент имаше големи проболеми со колената, па јавноста стравуваше дека би можел многу рано да ја заврши тениската кариера.

Меѓутоа еден човек го променил правецот на движење на неговиот тениски пат. Се работи за докторот Анхел Руиз Котор. Според големиот шампион од Мајорка, тој е најзаслужен за неговите фантастични резултати во изминатите две декади.

„Имав многу тешки моменти со Анхел, бидејќи на крајот на денот тој е доктор, па штом сум со него, тоа значи дека работите не одат како што треба. Тој е многу позитивна личност, што е важна доблест во светот на медицината. Ми помогна со својот оптимизам да решавам различни ситуации. Без него не би можел да освојувам турнири. Моите резултати ќе бидат тотално различни. Можам само да му се заблагодарам“, вели шпанскиот тенисер.

Оваа сезона Надал се соочува со болки во грбот. Истите се појавија на Австралија опен, каде изненадувачки испушти предност од 2-0 во дуелот со Стефанос Циципас.

Следува сезоната на земјана подлога, каде се очекува нов блесок на Шпанецот.