Надал го надигра Циципас и закажа Мастерс-полуфинале со Медведев

Во второто полуфинале на завршниот Мастерс Куп во Лондон, в сабота од 21:00 часот, ќе се сретнат Рафаел Надал и Данил Медведев. Во одличен директен дуел за второто место во групата „Токио 1970“, Надал го совлада Стефанос Циципас со 2-1 во сетови (6-4, 4-6, 6-2). Со две победи од три меча, Надал се квалификува за полуфиналето, за разлика од минатата сезона кога испадна заради послаб гем и сет количник. 

Првиот сет започна израмнето, се играше гем за гем, пред Надал да го одземе сервисот на Гркот во деветтиот гем и го реши сетот во своја полза. Двајцата тенисери одличо сервираа и во вториот сет, но сервисот на Рафа затаи во десеттиот гем и Циципас го внесе мечот во трет сет.

Вистина лудница беше играта во третиот сет, во кој Надал трипати го одзеде сервисот на противникот и нешто подобро сервираше од индиспонираниот Циципас. Со 6-2 и без многу драматика светскиот рекет број два го доби третиот сет. 

Утре ќе биде познат противникот на Доминик Тием во второто полуфинале, а тој ќе произлезе од дуелот меѓу Зверев и Ѓоковиќ.