„Надал е поголем од Али, Пеле и Џордан“

Поранешниот тенисер и директор на Ролан Гарос, Ги Форже, му се восхитува на Рафаел Надал, кој го освои Грен слем турнирот во Париз дури четиринаесет пати. До последното стигна во неделата, кога во финалето убедливо го совлада Каспер Руд.

Форже смета дека ова е најголемиот успех во историјата на спортот - толку трофеи во едно натпреварување.

„Според мене, Рафаел Надал го постигна најголемиот подвиг во историјата на спортот. Тој е над Мухамед Али, Пеле или Мајкл Џордан.

Обидете се да најдете дисциплина која е популарна како тенисот, и еден шампион да има четиринаесет трофеи од најтешкиот турнир на планетата. Нема такво нешто. Кога Бјорн Борг го освои Ролан Гарос шест пати, рековме дека е монструозно и тешко дека некој ќе може да го повтори. Пит Сампрас до пред 10-15 години беше најуспешен тенисер со 14 Грен слемови. Надал има толку само во Париз. Тоа е незамисливо“, рече Форже.

По големата победа над Руд, Надал се врати во Мајорка каде ќе заздравува од повредата на стапалото.