Надал без многу проблеми ја мина првата пречка на Ролан Гарос 

Рафаел Надал очекувано без многу проблеми го мина првата коло на Ролан Гарос. Најголемиот фаворит за трофејот во Париз, по одличниот турнир во Рим каде во финалето славеше над Ѓоковиќ, својот омилен Грен слем го започна со сигурна победа од три сета над Алексеј Попирин.

21-годишниот тенисер од Австралија беше тотален аутсајдер на овој дуел, но против големиот шампион се покажа во одлично светло. Првиот сет го отвори квалитетно и шест гема беше рамо до рамо со Надал, но потоа Шпанецот презеде сè во свои раце и со 6-3 се избори за водство од 1-0.

Серијата на бранителот на титулата продолжи и во вториот сет, па по двата брзи брејка и водството од 4-0, јасно беше дека Попирин нема што да бара на овој меч (6-2). Сепак, во третиот сет младиот Австралиец одигра фантастично и му зададе многу проблеми на Надал, па шпанскиот ас до посакуваната победа стигна дури по тај-брејкот (7-3).

Пласман во второто коло обезбедија и Монфилс, Сепи, Карацев, додека германскиот тенисер Штуф приреди сензација и со 3-2 во сетови славеше над седмиот рекет на светот, Андреј Рубљев.