• Горан Упале
Македонскиот олимписки комитет (МОК) испрати искрени честитки за големиот успех на Лина Ѓорческа. Македонската тенисерка обезбеди пласман на главниот турнир на Вимблдон, со што стана првиот наш претставник во сингл конкуренција на неофицијалното Светско тениско првенство.
Во третото квалификациско коло, Ѓорческа одигра фантастичен меч и експресно ја совлада фаворизираната Италијанка Луција Бронзети (127-ма на ВТА листата). За само 75 минути игра, нашата Лина апсолутно доминираше на теренот и славеше со убедливи 6-1 и 6-2.
„Ова не е само нејзина најголема победа во кариерата, туку и огромен момент за нашата држава – Македонија за првпат во историјата ќе има свој претставник во женскиот дел од сингл конкуренцијата на еден грен-слем турнир. Македонскиот олимписки комитет (МОК) упатува најискрени честитки за овој грандиозен успех! Сите се радуваме и со огромна гордост ќе ја бодриме нашата тенисерка во главната ждрепка. Честитки, Лина! Продолжи да блескаш, Македонија е со тебе“, стои во пораката на МОК.
Ѓорческа својот деби настап на „Олд Ингланд Клаб“ ќе го има против ланската финалистка Аманда Анисимова од САД.









