• Иван Димовски

Артур Фери го продолжува бајковитиот настап на Вимблдон, откако се пласира во полуфиналето и стана само втор тенисер во историјата кој како добитник на специјална покана стигнал до оваа фаза на турнирот.
Британецот, кој е 114. на АТП листата, во четвртфиналето убедливо го совлада Флавио Коболи со 6-4, 7-6(4), 6-0. Со овој успех Фери стана и најнискорангираниот полуфиналист на Вимблдон уште од 2001 година, кога Горан Иванишевиќ како носител на „вајлд-карта“ стигна до титулата.
„Никогаш претходно не сум бил во ваква ситуација. Ќе одам чекор по чекор. Ќе продолжам да го правам тоа што го правев во изминатите десет дена. Тоа ми носеше резултати и ќе видиме до каде ќе ме одведе“, изјави Фери.
Во борбата за место во финалето ќе игра против третиот носител Александер Зверев, кој без поголеми проблеми го елиминира Тејлор Фриц со 6-4, 6-4, 6-2.
Во второто полуфинале ќе се сретнат Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер, а двата меча се закажани за петок.




