Медведев се надева на нова сензација, рекордот на Федерер мотивација за Надал

УС Опен

Вечерва се игра големото финале на УС Опен, во кое силите ќе ги одмерат Рафаел Надал од Шпанија и Данил Медведев од Русија.

Голем фаворит е тенисерот од Мајорка кој имаше многу среќа и ги избегна сите фаворити на патот до мечот за титула. Вечерва се надева дека ќе ја искористи добиената шанса и ќе стигне до титулата број четири во Њујорк, односно 19-тиот Грен слем трофеј во кариерата. Тоа ќе го донесе на чекор од рекордната бројка и првото место на вечната листа кое е во сопственост на Роџер Федерер.

На спротивната страна ќе биде дебитантот во финалињата на големите турнири. Русинот ова лето игра во животна форма и покажа дека може да се носи со имињата кои се наоѓаат во самиот врв на АТП листата. Го победи Новак Ѓоковиќ, а во последните две недели не покажа никаква слабост која би го направила тотален аутсајдер на денешниот меч. Искуството секако ќе биде на страна на противникот од Шпанија, но тоа не значи многу кога е во прашање само еден директен дуел.

Евентуална победа на Надал ќе му овозможи да се доближи до првото место на АТП листата, кое моментално го држи Ѓоковиќ. Разликата ќе биде само 600 бода, што ќе донесе голема броба до самиот крај на сезоната.

Популарниот Рафа игра фантастична сезона во која на десет од 11 турнири играше најмалку во полуфиналето. Сопрен беше само во Акапулко, каде загуби во осминафиналето од проблематичниот Ник Кирјиос.

Финалето е закажано за вечерва со почеток од 22:00 часот по средноевропско време.