Медведев по 16 години го урива митот за „големата четворка“

Медведев Надал

Првпат по јули 2005 година, некој кој не е дел од „големата четворка“ на светскиот тенис ќе биде меѓу најдобрите двајца на АТП листата.

Тоа ќе биде Данил Медведев кој ќе застане на втората позиција на 15 март. Наредната недела се очекува Русинот да го прескокне Рафаел Надал на ранг листата, кој поради повреда на грбот откажа неколку турнири во наредниот период.

Последен тенисер кој го направил овој „подвиг“ е Лејтон Хјуит пред 16 години. До овој месец, првите две места беа резервирани само за играчи кои се викаат Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј.

Одличните резултати на стартот на новата година ќе му овозможат на рускиот ас да го достигне најдобриот ранкинг во кариерата. Тоа можеше да го направи порано, но запиша рана елиминација на турнирот во Ротердам.

Надал планира да се врати на терените во Мајами, каде ќе ја продолжи борбата со Медведев за второто место зад неприкосновениот лидер Ѓоковиќ.