• Иван Димовски

Тениското дерби во полуфиналето на АТП Дубаи заврши со победа на Данил Медведев против Новак Ѓоковиќ од 2-0 (6-4, 6-4). Српскиот ас важеше за фаворит, беше прв носител на турнирот во Обединетите Арапски Емирати, меѓутоа не успеа да го скрши противникот од Русија.
Се играше изедначено од стартот, меѓутоа Медведев прв зачекори кон освојување на сет. Тој успеа да направи два брејка во петтиот и седмиот гем за двојна предност, а потоа Новак врати само еден и со 6-4 влезе во сет дефицит.
Медведев вториот сет го отвори одново со одземен сервис, за потоа да одигра максимално сигурно до крајот, не дозволувајќи ниту една брејк топка. Иако и Ѓоковиќ беше солиден на свој сервис, немаше сили да го загрози ривалот кој вторпат со 6-4 ја потврди победата.
Во финалето нè очекува руска пресметка, бидејќи Медведев оди на мегдан со Андреј Рубљев.