Медведев: Ѓоковиќ беше уморен, требаше да го освојам вториот сет

Данил Медведев жали за пропуштената шанса во вториот сет од финалето на УС Опен со Новак Ѓоковиќ. Рускиот тенисер не успеа уште еднаш да го изненади големиот шампион во Њујорк и така Ѓоковиќ ја продлабочи легендата во тенискиот свет.

Медведев имаше сет-поен за 1-1 во сетови, но Ѓоковиќ не го дозволи тоа и на крај победи со 6-3, 7-6/5, 6-3.

„Жал ми е за вториот сет, требаше да го освојам, но тенисот понекогаш не е така лесен. Требаше да играм паралела на сет топката, но избрав погрешна страна. Нормално, мечот потоа отиде во тој правец, во првиот и третиот сет Новак беше подобар и нема што да се каже. Да го освоев вториот, можеби ќе одеше во друга насока... Така е во тенисот, следниот пат ќе се обидам да бидам подобар“, изјави Медведев.

Ѓоковиќ во средината на вториот сет минуваше низ физичка криза, но успеа да ја совлада и на крај се радуваше на 24. Грен слем трофеј.