• Иван Димовски

Данил Медведев успеа да го победи и исфрли Јаник Синер во четвртфиналето на Вимблдон, откако во маратонски пет сета (3-2) по точно четири часа игра дојде до победата. Првиот светски рекет се мачеше, имаше мака со болки во задниот дел од мускулот на бутот, а тоа Русинот знаеше да го искористи и казни.
Се играше целосно израмнет прв сет на централниот терен во Лондон. Откако ниту еден тенисер не успеа да направи брејк, се влезе во доигрување и тука Синер со 9-7 дојде до предност.
Веќе во вториот сет Медведев прв успеа да одземе противнички сервис, а тоа потоа го одбрани и потврди за 6-4 и израмнување. Третиот сегмент понуди по еден брејк и две неискористени сет-топки за Русинот. Потоа во тај-брејкот тој успеа со 7-4 да дојде до предност во сетови.
Синер и покрај болката успеа да ја крене формата. Четвртиот сет мина целосно во знакот на Италијанецот, па со два брејка дојде до предност од 5-1 и потоа со 6-2 избори решавачки сет. Во него Медведев покажа повеќе, во четвртиот гем одзеде сервис и си направи предностт која до крајот ја одбрани, па со 6-3 по првата меч-топка дојде до победата.
Медведев ќе игра ново полуфинале на Грен слем турнирите, а на Синер му се одмазди за петте порази во низа.