Медведев без загубен сет со Циципас закажа финале со Ноле на АО!

Данил Медведев го елиминира Стефанос Циципас во полуфиналето на Австралија Опен со 3-0 (6-4, 6-2, 7-5) и закажа меч за трофејот со Новак Ѓоковиќ. Рускиот тенисер со одлични два воведни сета најави дека е посериозен кандидат за финале, па иако Гркот парираше во последниот, немаше сили за враќање во мечот. 

Натпреварот тргна изедначено, но првиот брејк кој го зеде Медведев го одреди текот на сетот кој го доби со 6-4. Четвртиот носител на АТП ранкингот го искористи „шокот“ на Циципас, па лесно и бргу го реши вториот сет, со два гемови на противнички сервис и 6-2 за водство од 2-0. 

Циципас пак му даде брејк на Медведев уште во првиот гем од последниот сет, но потоа и му зеде еден за егал. Иако грчкиот тенисер водеше со 4-5, Медведев се врати, ги доби наредните три и се радуваше на пласман во финалето и мечот за трофејот. 

Финалето на Австралија Опен меѓу Новак Ѓоковиќ и Данил Медведев е закажано за в недела, со почеток од 9:30 часот.