Медведев без пораз до трофејот во Лондон, Тием потклекна во финалето

Данил Медведев го наследи Стефанос Циципас и е нов шампион на завршниот турнир во Лондон. Вечерашното финале му припадна на рускиот тенисер кој во три сета се справи со Доминик Тием (4-6, 7-6/2, 6-4) и прослави победа без ниту еден пораз.

Првиот сет донесе подобра игра на Русинот, кој не искористи неколку брејк топки во вториот гем. За тоа доби казна подоцна, кога го загуби сервисот и го отвори мечот со загубен сет.

Далеку поголема неизвесност донесе продолжението кога се играше гем за гем се до тај-брејкот. Тием започна подобро, но Медведев врза седум поени во низа и ја презеде контролата. На крај пресуди подобрата завршница на рускиот ас, кој се избори за одлучувачки сет.

Добрите сервиси донесоа резултат 2-2, а потоа тенисерот од Москва ја направи клучната разлика. Со еден брејк му побегна на противникот, кој физички не беше способен да се враќа во игра и да прави пресврт.

Медведев покажа дека игра во одлична форма на крајот од сезоната. Не загуби ниту еднаш во Лондон и заслужено се израдува на престижниот трофеј.

На патот до големото финале, 24-годишникот убедливо го совлада Новак Ѓоковиќ, а успеа да го елиминира и вториот носител Рафаел Надал.