• Зоран Мишевски

Рускиот тенисер Даниил Медведев се пласира во четвртфиналето на Мастерсот во Индијан Велс, откако вечерва го совлада Германецот Александар Зверев со 6-7/5, 7-6/5, 7-5. Три часа и десет минути траеше мечот меѓу Медведев и Зверев и двајцата тенисери крајот го дочекаа со последните атоми од силите.
Со оваа победа Данил ја продолжи победничката серија годинава на 17 меча. Откако го загуби воведниот сет во тај-брејк, Медведев ги спаси сите десет брејк топки со кои се соочи во вториот сет и израмни на 1-1 по уште еден тај-брејк. Во третиот сет, при водство од 5-4, Данил пропушти меч топка, а потоа го загуби тој гем, па Зверев израмни на 5-5. Рускиот тенисер веднаш го врати брејкот во следниот гем, за да ја искористи втората меч топка во 12. гем.
27-годишниот Медведев забележа 54 директни поени и се чекира во четвртфиналето, зголемувајќи ја предноста против Зверев со 7-6 во меѓусебните дуели.