Меч за уживање: Денес се игра 40-та „епизода“ од класиката Надал – Федерер! 

„Имаа толку мечеви за паметење – цел тениски свет, сите ние навивачите се радуваме на тоа, нам никогаш нема да ни биде доста од нивните мечеви“, на овој начин тениската легенда Томас Енквист го најави полуфиналето на Вимлбдон меѓу великаните Роџер Федерер и Рафаел Надал. 

Најголемите асови во историјата на тениската игра, денес ќе стават шлаг на јаготката во Вимблдон. Англиските фанови цели 11 години чекаа на нова пресметка на двајцата тенисери. 

Последен пат Рафа и Роџер на англиската трева се сретнаа пред 11 години. Тоа беше трето во низа „Федал“ финале. Во 2006 Федерер славеше рутински, во 2007 Надал се избори само за пет сета, додека во 2008 го сруши кралот и за првпат во својата кариера го грабна најпрестижниот тениски трофеј. 

Во меѓусебните дуели поуспешен е Надал со 24-15. Последен до победата стигна токму Шпанецот, на Ролан Гарос, а претходно петпати во низа славеше Федерер.

На Вимблдон, пак, предност има Федерер (2-1), а со оглед на формата на двајцата тенисери денес ќе гледаме супер-возбудлив меч, кој ќе започне не пред 16:00 часот, односно половина час по завршувањето на првото полуфинале меѓу Баутиста-Агут и Новак Ѓоковиќ.