Мареј: Немам повеќе болки, но и да не успеам да се вратам нема да тагувам! 

Некогашниот прв рекет на АТП листата, Енди Мареј, смета дека победите нема да бидат неговиот прв мотив, доколку успее во намерата да се врати на тениските терени. 

Британскиот ас долго време мака мачи со повредата на колкот, а најверојатно на АТП-тур серијата ќе се врати наскоро, откако пријави учество во конкуренција на двојки во Квинс. Негов партнер ќе биде Фелисијано Лопез

„Додека заздравував од операцијата, тенисот ми беше најважната работа. Сакав само да се вратам на терените. Сега кога не чувствувам болка и кога започнав да правам и други работи, малку се опуштив и немам толкав притисок. Ќе биде убаво колку успеам пак да заиграм тенис, но ќе биде во ред и доколку не ми се оствари таа желба. Ако играм повторно, победите нема да бидат мојот најголем мотив, туку фановите и прекрасната публика на трибините“, рече Британецот. 

Мареј, својот последен меч го одигра на овосезонскиот Австралија Опен, и загуби во првото коло од Роберто Баутиста-Агут.