• Саше Љолес
Легендарниот швајцарски тенисер Роџер Федерер доживеа огромен пад на проценетото богатство, откако акциите на швајцарската компанија за спортска опрема во која има значителен удел нагло ја загубија својата вредност.
Акциите во еден момент паднале за околу 19 отсто, што директно се одразило врз вредноста на уделот на Федерер. Според проценките на „Форбс“, неговото богатство за само еден ден се намалило за најмалку 52 милиони долари, односно околу 45 милиони евра.
По падот, богатството на Швајцарецот се проценува на околу 952 милиони долари, со што повторно падна под симболичната граница од една милијарда долари.
Федерер статусот на милијардер го достигна во 2025 година, токму поради растот на вредноста на неговиот удел во оваа компанија. Сепак, важно е да се нагласи дека тој не изгубил 45 милиони евра во готовина.
Станува збор за пад на пазарната вредност на неговите акции. Доколку Федерер не ги продал, загубата засега постои само „на хартија“, а вредноста на неговиот удел повторно може да порасне доколку акциите ја вратат вредноста.
И по завршувањето на тениската кариера, Федерер продолжи да гради сериозно деловно портфолио преку инвестиции, партнерства и соработки со големи светски брендови.
