Квитова преку Бертенс ја освои третата титула во Мадрид

Петра Квитова ја освои титулата на Мастерсот во Мадрид, откако во финалето по голема борба со 2-1 (7-6, 4-6, 6-3) во сетови ја совлада Кики Бертенс.

Бертенс подобро го отвори првиот сет и поведе со 4-2, но Чехинката го врати загубениот сервис, а првиот сет го доби во тај-брејк со 8-6. Во вториот сет, Бертенс направи брејк во седмиот гем, го задржа до крајот и израмни на 1-1 во сетови.

Во одлучувачкиот сет прва до брејк стигна Квитова и поведе со 4-2, а Бертенс возврати и намали на 4-3. Сепак, до крајот Квитова уште еднаш го одзеде противничкиот сервис и го доби сетот со 6-3 за конечна победа од 2-1.

За чешката тенисерка титулата од Мадрид е нејзина трета од шпанската престолнина, а со освоените бодови од понеделник ќе забележи и значителен напредок на ВТА листата.