Квитова: Насекаде имаше крв, додека јас имав нож под врат, врескав и плачев!

Чешката тенисерка Петра Квитова сведочеше пред судот за нападот кој го доживеа пред три години. Некогашната најдобра тенисерка на ВТА-листата беше нападната со нож во својот стан и за малку не остана без дланката поради тешки повреди.

„Насекаде имаше крв. Јас врескав и плачев. Ги чекав резулатите од допинг-тест и некој зазвони на мојата врата. Се претстави како мајстор, најави дека ќе го проверува бојлерот, но ме нападна со нож. Беше под мојот врат, му нудев пари да ме пушти...“, изјави Квитова преку видео-порака, затоа што не сакаше средба со напаѓачот.

Лекарите ја спасија дланката на Квитова со четиричасовна операција. Нејзините нерви, тетиви и прсти биле толку многу оштетени, што за малку не останала без дланката. Осомничениот за нападот е Радим Зондра, кој ќе добие казна од најмалку 12 години.