Крејчикова подобра од Павличенкова за прва Грен слем титула во Париз!

Барбора Крејчикова од Чешка е новата победничка на Ролан Гарос. Во денешното финале таа ја победи Анастасија Павличенкова од Русија со 2-1 во сетови (6-1, 2-6, 6-4).

25-годишната тенисерка го оствари својот најголем успех во кариерата. За неа ова е прва Грен слем титула.

Финалниот меч започна со целосна доминација на победничката. Русинката беше далеку од потребното ниво за еден ваков дуел, па го загуби сетот со само еден освоен гем. Следуваше нејзин одговор во продолжението. Павличенкова се врати во игра за трофејот, со 6-2 во вториот сет.

Меѓутоа одлучувачкиот сет одново помина со подобра игра на Крејчикова. Чехинката направи брејк повеќе од својата противничка и на крај заслужено се израдува на големата победа.