• Мартин Танасковски
Првата светска тенисерка Арина Сабаленка сигурно се пласираше во осминафиналето на Ролан Гарос, откако ја совлада Дарија Касаткина со 6-0, 7-5 за само 75 минути игра.
Белорусинката целосно доминираше во првиот сет и не ѝ остави никаква шанса на Касаткина, која од неодамна настапува под знамето на Австралија. Во вториот сет имаше поголема неизвесност, Касаткина направи ран брејк, но Сабаленка брзо се врати во мечот и со клучен брејк во 12. гем ја завери победата. Во следната рунда ја очекува голем предизвик против Наоми Осака, која претходно ја елиминираше Ива Јовиќ.
Големо изненадување приреди Анастасија Потапова, која ја елиминираше актуелната шампионка Коко Гоф. Американката, која минатата година ја освои титулата во Париз, загуби по пресврт во три сета – 4-6, 7-6, 6-4. Во драматичниот натпревар беа видени дури 14 брејкови, а Потапова успеа да ја симне шампионката од тронот уште во третото коло.
Историски успех оствари и Сорана Кирстеа. Романката со победата над Синју Ванг од 6-3, 7-6(4) за првпат во кариерата се пласираше во четвртфиналето на Ролан Гарос. За 36-годишната Кирстеа, која најави пензионирање по крајот на сезоната, ова е најдобриот резултат во Париз, каде дебитираше уште во 2009 година.
Меѓу најдобрите осум се најде и Елина Свитолина, која со пресврт ја совлада Белинда Бенчиќ со 4-6, 6-4, 6-0. Пласман во четвртфиналето обезбеди и младата руска ѕвезда Мира Андреева, која беше подобра од Џил Тајхман со 6-3, 6-2.
Во четвртфиналето Андреева ќе се соочи токму со Сорана Кирстеа, додека дуелот меѓу Арина Сабаленка и Наоми Осака се очекува да биде еден од најатрактивните натпревари во женскиот дел од турнирот.






