Контроверзниот Ник Кирјиос по 896 дена ја впиша првата АТП победа!

Октомври 2022 година и победата против Камил Мајхрзак во осминафиналето во Токио беше последен триумф на Ник Кирјиос до синоќа во Мајами.

Еден од најталентираните играчи во поновата тениска историја, кој од различни причини не потврди ниту грам од својот голем потенцијал, по 29 месеци или 896 дена, забележа победа и обезбеди пласман во вториот круг од турнирот во Флорида. Австралиецот на стартот на Мастерсот во Мајами го совлада Мекензи Мекдоналд, 101. рангиран во светот, по пресврт со 2-1 во сетови (3-6, 6-3, 6-4).

Поради големите проблеми со повредите и долгото отсуство од терените Кирјиос моментално е 892. тенисер на АТП листата, но во овој момент му е многу поважно што издржа цел меч, откако неодамна го загуби дуелот од првото коло од Талон ван де Зандшулп во Индијан Велс, поради болки во зглобот. 

Финалистот на Вимблдон од 2022 година во второто коло ќе се сретне со Карен Хачанов, кој беше слободен на стартот.

Пласман во второто коло обезбеди и ветеранот Гаел Монфис кој го елиминира Фабијан Маросан со 6-3, 3-6, 6-4. Негов следен ривал ќе биде Јиржи Лехечка.